Ефективно застапување за достоинство и вклученост

30 August 2026|JRS North Macedonia

Продолжуваме со нашата мисија да ги придружуваме, служиме и застапуваме бегалците, барателите на азил, ранливите мигранти и лицата под меѓународна заштита во Северна Македонија. Преку посветено застапување, настојуваме да обезбедиме секое лице принудено да избега да биде третирано со достоинство, да има пристап до своите права и да биде охрабрено да изгради иднина во нашата земја.

Тесно соработуваме со локалните институции, граѓанското општество и меѓународните партнери за да промовираме политики што ги штитат правата на бегалците, барателите на азил, мигрантите и лицата под меѓународна заштита. Нашите застапувачки напори се фокусираат на:

  • Обезбедување правични и транспарентни постапки за азил;
  • Спречување на притворање на деца и лица кои припаѓаат на ранливи групи;
  • Промовирање пристап до образование, здравствена заштита и социјални услуги;
  • Поддршка на иницијативи за интеграција и вклучување во македонското општество.

Преку соработка со државните институции и меѓународните организации, ги истакнуваме предизвиците со кои се соочуваат нашите корисници и даваме препораки засновани на докази за подобрување на законодавството и практиките, обезбедувајќи Северна Македонија да биде усогласена со меѓународните и европските стандарди за заштита на бегалците.

Нашето застапување не е ограничено само на политиките, туку е насочено и кон самите корисници. Нашата организација ги засилува гласовите на бегалците, барателите на азил, ранливите мигранти и лицата под меѓународна заштита, поттикнувајќи го нивното учество во дијалогот и процесите на донесување одлуки. Преку работилници и споделување лични приказни, корисниците ги пренесуваат своите искуства, рушејќи ги стереотипите и поттикнувајќи емпатија во македонското општество.

На крајот, застапувањето значи надеж – надеж дека секое лице може да живее без страв од прогон и исклученост. Се залагаме за општество во кое бегалците, барателите на азил, ранливите мигранти и лицата под меѓународна заштита се добредојдени, заштитени и имаат можност да напредуваат. Преку упорно застапување, придонесуваме кон градење поправедно и посочувствително општество.

Нашето застапување е повик за акција до државните институции, заедниците и поединците. Заедно можеме да ги претвориме политиките во практики на гостопримство и да обезбедиме Северна Македонија да остане место каде што човечкото достоинство е над сè друго.

Како успешна приказна, го истакнуваме случајот на корисник од Авганистан за кого нашиот тим се залага од 2019 година. Успеавме неговиот предмет еднаш да биде вратен од Управниот суд во Скопје и двапати од Вишиот управен суд во Скопје до Секторот за азил. Како резултат на тоа, Секторот за азил конечно донесе одлука со која му го призна правото на азил врз основа на супсидијарна заштита во Северна Македонија.

И покрај позитивната одлука, продолживме да се залагаме за корисникот. Како резултат на ова успешно застапување, Секторот за азил донесе одлука за продолжување на неговото право на престој – врз основа на признатото право на азил преку супсидијарна заштита – до 30 јули 2027 година.

Конечно, би сакале да нагласиме дека во нашата земја бегалците и барателите на азил имаат изречно право на бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош. Ова законодавство гарантира пристап и до примарна и до секундарна правна помош, со цел да се обезбеди правичен третман и пристап до правда. Овие услуги се финансирани од невладини и меѓународни организации, вклучително и нашата канцеларија, која во 2019 година доби решение од Министерството за правда со кое здружение на граѓани беше овластено да обезбедува примарна правна помош.